Досега незабележаната поврзаност помеѓу рускиот претседател Владимир Путин и неговиот кинески Си Џинпинг им овозможи на најголемите ривали на САД да го „вовлечат“ американскиот лидер Џо Бајден во криза на два фронта – Украина и Тајван, на која неговата администрација не може да одговори, пишува „Њузвик“, додавајќи дека во случај на евентуален конфликт нема гаранции оти САД би победиле.

– Мислам дека САД не се подготвени да одат во војна во Украина. А мислам дека не се подготвени да војуваат и поради Тајван. Цврсто стојам зад двата става. Која било ваква ситуација и засебно би била високо стресна, а ако САД би се вклучиле, постои добра веројатност дека би можеле да загубиме, и во иницијалниот пристап, а и во однос на повеќе од тоа – вели експертот за Кина и Русија, Лајл Голдстајн.

Пентагон досега избегнуваше да дава директни проценки за неговата способност за истовремено соочување на два фронта. Малкумина би се спротиставиле дека САД е помоќна од Кина или Русија засебно, но нивното новостекнато единство се покажува како стратешки исцрпливо за Вашингтон, наведува „Њузвик“.

Можностите за создавање на „совршена бура“ провејуваат низ Источна Европа и регионот на Азија-Пацифик, особено откако администрацијата на Бајден е ослабната поради ефектите од хаотичното повлекување од 20-годишната војна во Авганистан и пандемијата која предизвика политички поделби на домашната сцена.

Знаците за соработката помеѓу Русија и Кина се забележуваат во нивните заеднички воени вежби. Двете светски сили досега немаат формално сојузништво бидејќи таквиот пакт би барал меѓусебна одбрана во случај на надворешен напад, слично како според членот 5 на НАТО-Алијансата. Но, постојат назнаки на зголемена координација за прашањата за меѓународна безбедност, според Ху Бо, директор на тинк-тенк што ги следи американските активности во регионот на Јужното Кинеско Море. А почетоците на соработката датираат од Договорот за добрососедство и пријателска соработка од 2001 година, според познавачите на состојбите.

САД, пак, го засилија сојузништвото со НАТО во Европа и со Јапонија и Јужна Кореја во регионот Азија-Пацифик, зацврстувајќи и други пактови како што се коалицијата „Квад“ со Австралија, Индија и Јапонија, односно АУКУС заедно со Австралија и Велика Британија. А ниеден од овие потези не им се допадна на Пекинг и Москва, заклучуа „Њузвик“.