Фото: Официјален твитер-профил на рускиот претседател

Рускиот претседател Владимир Путин за време на видеосредбата со неговиот кинески колега Си Џинпинг порача дека двете држави делат граница која би можела да претставува „појас на вечен мир и добрососедство“, пренесуваат светските медиуми.

Средбата помеѓу двајцата лидери беше одржана со цел да се дискутираат билатералните врски во ситуација кога Русија и Кина се обидуваат да им парираат на САД и на другите западни сили.

– Оформен е нов модел на соработка помеѓу нашите држави, заснован меѓудругото, на такви принципи како немешање во меѓусебните внатрешни прашања, почитување на меѓусебните интереси и решителност за претворање на заедничката граница во појас на вечен мир и добрососедство – кажал Путин, според изјавата што ја пренесе „Асошиејтед прес“.

Си Џинпинг, фалејќи ги односите помеѓу двете држави истакнал дека ја цени силната поддршка на Путин за „напорите на Кина за штитење на клучните национални интереси и за цврстото спротивставување на обидите за создавање раздор помеѓу двете држави“.

Путин и Си истакнаа дека односите на Русија и Кина претставуваат пример за меѓудржавна соработка во 21-от век. Двајцата лидери се сретнале вкупно 36 пати откако Си Џинпинг ја зазема функцијата од 2013 година.

Видеосредбата уследи неколку дена откако Русија и Кина беа изоставени од демократскиот самит организиран од американскиот претседател Џо Бајден и тензиите поврзани со ситуацијата во Украина.

Познавачите на состојбите посочуваат дека Кина и Русија се зближуваат во изминатите неколку години за да им парираат на САД, со што веќе се преземени чекори за усогласување на надворешните политики, како и за засилување на воените врски.