Целосно се недопустливи политичкиот диктат и валутните уцени во меѓународната трговија. Москва и Пекинг се спротивставуваат на секоја појава на протекционизмот, вклучувајќи ги и едностраните трговски ограничувања, се наведува во заедничкото соопштение на рускиот претседател и неговиот кинески колега, кој е во неколкудневна официјална посета на Русија

Односите помеѓу Кина и Русија достигнаа ниво без преседан, порача рускиот претседател Владимир Путин, кој му е домаќин на кинескиот колега Си Џинпинг.

– Во изминатите години, благодарение делумно и на вашето директно соучество, односите меѓу Русија и Кина достигнаа, без претерување, ниво без преседан – истакна Путин, чија земја работи на потесни односи со соседна Кина во екот на сѐ полошите односи на Москва со Западот поради украинската криза.

Во текот на официјалните разговори, двајцата лидери исто така ги повикаа другите држави да го вратат своето нуклеарно оружје на своите територии.

– Страните го сметаат за недопустлив неодговорниот пристап на некои држави кон реализација на своите обврски од Договорот за неширење на нуклеарното оружје. Таквите држави треба да ја прекинат практиката на заеднички нуклеарни мисии и да го вратат целиот свој нуклеарен арсенал, кој се наоѓа надвор од границите на нуклеарните држави, на својата националната територија – се наведува во заедничкото соопштение на Путин и Си.

Истовремено, тие го повикаа Иран да продолжи да ги почитува своите обврски од нуклеарниот договор од 2015 година, и покрај одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп да се повлече од спогодбата постигната помеѓу Техеран и меѓународната заедница. Двајцата лидери исто така се заложиле за „враќање во живот“ на Договорот за ракетите со краток и среден дострел.

Во однос на глобалната економија, која сѐ повеќе е во опасност од трговската војна помеѓу САД и Кина, Путин и Си порачаа дека целосно се недопустливи политичкиот диктат и валутните уцени во меѓународната трговија.
– Државите се спротивставуваат на секоја појава на протекционизмот, вклучувајќи ги и едностраните трговски ограничувања. Тие ќе се залагаат за транспарентен трговски систем кој се заснова на главната улога на Светската трговска организација и нејзините правила – порачаа претседателите на Русија и Кина.

Кинескиот претседател е во неколкудневна посета на Русија, каде што е предвидено како почесен гостин да учествува на Петербуршкиот меѓународен економски форум, пренесуваат светските медиуми.