Во согласност со договорот, сириските и руските сили треба да го надгледуваат повлекувањето на силите на курдските бунтовници во Сирија. Покрај тоа, со него се предвидени и заеднички турско-руски патроли по должината на границата, кои ќе ги почнат своите активности во текот на наредната седмица

Анкара и Москва постигнаа историски договор, чија цел е задржување на курдските бунтовнички групи подалеку од сириската граница со Турција. Договорот, кој го постигнаа рускиот претседател Владимир Путин и неговиот турски колега Реџеп Таип Ердоган, следува во период на пауза на турската офанзива против курдските сили и напорите на Анкара за создавање „безбедносна зона“ во областа.
Во согласност со договорот, сириските и руските сили треба да го надгледуваат повлекувањето на силите на курдските бунтовници во Сирија. Покрај тоа, со него се предвидени и заеднички турско-руски патроли по должината на границата, кои ќе ги почнат своите активности во текот на наредната седмица. Според Би-би-си, ваквиот развој на настаните следува по интензивните шестчасовни разговори на Ердоган со неговиот руски колега, во црноморското одморалиште Сочи.

Во вторник на 29 октомври ќе заврши примирјето, постигнато со посредство на САД, со кое беше паузирана турската офанзива во североисточна Сирија. Иако првично Анкара се закани дека ќе продолжи со офанзивата против курдските сили, турските власти соопштија дека сега нема потреба од такво нешто. Турската офанзива почна откако САД најавија ненадејно и неочекувано повлекување на своите сили од северна Сирија. Американските сили ги поддржуваа курдските бунтовници, кои, пак, му беа главни сојузници на Вашингтон во борбата против џихадистите од Исламската држава (ИД) во регионот. Во текот на својата офанзива, Турција освои територија во должина од околу 120 километри помеѓу градовите Рас ал Аин и Тал Абјад, во рамките на напорите за креирање безбедносна зона, каде што Анкара планира да пресели околу два милиони сириски бегалци, кои во моментов се наоѓаат на турска територија. Во согласност со договорот на Путин и на Ердоган, Русија се согласи да им дозволи на турските сили да останат во областа што ја освоија и единствено тие да бидат надлежни за контролата на тој регион.

Сирискиот претседател Башар ал Асад изрази загриженост околу странското мешање во Сирија, но Кремљ соопшти дека тој му се заблагодарил на Путин и дал поддршка за напорите на рускиот претседател. Асад исто така изјавил дека сириските погранични сили се подготвени, заедно со руската воена полиција, да пристигнат на сириско-турската граница. Истовремено, иранското МНР соопшти дека договорот е позитивен чекор и изрази поддршка за секој чекор што ќе придонесе за враќање на стабилноста во регионот.

Во меѓувреме, Кремљ упати остри критики до администрацијата во Вашингтон.
– САД ги издадоа и ги напуштија сириските Курди. САД им беа најблиски сојузници на Курдите со години. Меѓутоа на крајот ги напуштија и всушност ги предадоа. Сега Американците ги оставија Курдите на границата со Турција и речиси ги присилија да се борат до Турците – изјави Димитар Песков, портпаролот на Кремљ.