Рускиот претседател Владимир Путин денеска изјави дека уништувачот на британската кралска морнарица во Црното Море намерно се обидел да ги тестира одбранбените способности на Русија, пренесува „Ројтерс“.

– Поради инцидентот со британскиот воен брод во близина на Крим, светот не беше на прагот на Трета светска војна. Дури и да го потопевме британскиот уништувач, немаше да има Трета светска војна – рече Путин за време на специјалната програма „Директна линија“.

Рускиот претседател изјави дека Велика Британија сакала да ја открие локацијата на руските сили на Крим и да види како тие реагираат.

Тој додаде дека инцидентот кај Крим е провокација, во која учествувале не само Британците, туку и Американците.

Точно напладне по московско време, по 18-ти пат, рускиот претседател започна да одговара на прашањата на руските граѓани во рамките на традиционалната ТВ програма „Директна линија“.

Како што беше објавено претходно, за Путин стигнале над милион прашања и тие продолжуваат да пристигнуваат, пренесува руската агенција ТАСС.