Владимир Путин (лево) и Си Џинпинг

Владимир Путин можеби оди по стапките на Си Џинпинг, но уште не е ниту одблиску осигурен како кинескиот лидер

Две децении откако дојде на власт, рускиот претседател Владимир Путин навидум е решен и да остане на власт во догледна иднина. Но, додека деликатно ја преуредува владата за да ја оствари целта, тој можеби ќе погледне завидливо кон Кина, каде што неговиот близок сојузник Си Џинпинг постигна приграбување на моќта со очигледна леснотија, објавува Си-ен-ен. 

Потегот на „вујко Си“ (кинескиот претседател е ословуван како вујко Си од медиумите на најмногубројната светска држава со цел да биде претставен како мудар лидер со татковски пристап – н.з.) од 2018 година за симнување на ограничувањата за претседателството, вклучуваше интерни политички активности во Комунистичката партија, но беше претставен на Кина како конечно решение. Оттогаш партијата е уште поцврсто соединета околу Си, засилувајќи ја пропагандата за доделувањето на уште повеќе титули за него, вклучувајќи ја и онаа за „лидер на народот“.

Од друга страна Путин веќе се соочува со шпекулации околу тоа како ќе ги постигне планираните промени. Неговата размена на функциите со тогашниот претседател Димитриј Медведев во 2012 година, која му овозможи да добие уште осум години на претеседателската положба, предизвика одредено незадоволство, а сега се јавуваат гласини за слично расположение меѓу дел од водечките фигури во руската политика, како и во опозицијата и партиите – кои Русија уште ги толерира, за разлика од Кина.

Способноста на Си Џинпинг да го контролира незадоволството ја надминува онаа на Путин. Откако стигна до врвот на Комунистичката партија, Си ја зацврсти интерната дисциплина, користејќи ја кампањата за антикорупција за да ги искорени „лошите актери“, а критичарите велат, и потенцијалните ривали. 

Со сета умешност на Путин за одржување на политичкиот имиџ, тој не предводи држава моќна или централизирана како што е Кина. Руската демократија можеби има недостатоци, но нејзините институции создаваат платформа за отворено критикување на Путин и на неговите политики. Во Русија функционираат независните медиуми (и покрај соочувањето со притисоци), а дури и државните медиуми не се под толку силна контрола како што е случајот во Кина.

Мешањето на картите од страна на Путин можеби е обид за стекнување на моќ каква што има Си Џинпинг. Но, доколку рускиот лидер има амбиции да го усвои моделот на Си во Москва, тој ќе треба да постапува внимателно.

И покрај тоа што моделот на Си Џинпинг може да биде атрактивен за Путин, тој сепак, не е без недостатоци. Како што кинескиот претседател може да согледа, апсолутната моќ носи и апсолутна одговорност, како и апсолутна вина.