„Њујорк тајмс“ смета дека рускиот претседател зазема цврст став кон Западот

Русија се издигнува додека Западот тоне во хаос. Западот посакува пропаст за Русија. Вака изгледа светот во очите на рускиот претседател Владимир Путин. Затоа е време Русија, која чувствува морална супериорност, но има мала трпеливост, да возврати на ударите од Западот, пишува „Њујорк тајмс“.

– Можеби тие мислат дека сме како нив, но ние сме различни, со различен генетски, културен и морален кодекс. Ние знаеме како да ги одбраниме нашите интереси – изјави Путин минатиот месец.

Во изминатите неколку недели, Путин направи потези кои, дури и според неговите стандарди, сигнализираат ескалација на конфликтот со оние кои тој ги смета за свои непријатели, биле тие странски или домашни.

– Ова чувство на супериорност измешано со ароганција, му дава чувство на моќ, и тоа е опасно – изјави руската аналитичарка Татјана Становаја која со години го проучува Путин.

За неговите критичари и надворешниот свет, постапките на Путин изгледаат како параноја. Но, за неговите приврзаници и за аналитичарите кои внимателно го следат, неговите потези имаат внатрешна логика, односно дека Западот сака да ја ослабне Русија и дека Путин е составен дел од нејзината сила.

Изборот на Џо Бајден, кој ветуваше дека ќе биде построг кон Русија, за Кремљ претставува надеж. Тој е попрофесионален, попрагматичен и поодговорен претседател за разлика од Доналд Трамп, со светски поглед обликуван од ерата на дипломатијата на Студената војна, во која САД и Русија постапуваа како еднакви суперсили со одговорност за глобалната безбедност.

Руските обвинители минатата недела поднесоа тужба за забрана за организацијата на опозицискиот лидер Алексеј Навални, постапка што може да резултира со најинтензивниот бран на политичка репресија во постсоветска Русија. Во меѓувреме, Навални е во затвор и штрајкува со глад. Белата куќа предупреди дека доколку тој умре додека е затворен, руската влада ќе одговара. Западните претставници и приврзаниците на Навални ја отфрлаат идејата дека тој дејствува во име на друга земја.

Но за Кремљ, Навални е опасност за Русија, која е поттикната и ги слуша заповедите на САД. Според нив, Путин ја одржува Русија стабилна со одржувањето рамнотежа помеѓу конкурентските фракции во руската владејачка елита.

Колку далеку Путин планира да оди со возвраќање на ударот против вистинските или измислените опасности од Западот останува отворено прашање. Неодамна, телевизискиот водител Дмитри Киселиов ги потсети гледачите на „Посејдон“ – новото оружје во рускиот нуклеарен арсенал, што Путин го откри пред три години.

Сепак, постојат и знаци дека Путин не сака тензиите со Западот да ескалираат и да излезат од контрола. Секретарот на Советот за безбедност на Путин, Николај Патрушев, разговараше со советникот за национална безбедност на Бајден, Џејк Саливан, за можен претседателски самит. Путин исто така ќе се обрати и на онлајн состанокот за климатски промени на Бајден.

– Путин верува во својата мисија, дека е голема, историска личност која е одговорна не само за Русија, туку и за глобалната безбедност. Тој не разбира како американскиот претседател Бајден не се чувствува исто – вели Становаја.