Биткоин скулптура во близина на „фарма“ за криптовалути во Норилск, Русија

Рускиот претседател Владимир Путин во неодамнешно интервју покажа толеранција кон криптовалутите на кои во остатокот од светот се гледа со одбивност од страна на регулаторите, поради стравувањето дека тие ќе се користат за перење пари и за криминални активности, пренесува „Блумберг“.

– Криптовалутите имаат право да постојат и да бидат употребувани како метод за плаќање – изјави Путин во интервју кое беше објавено на страницата на Кремљ, но напомена дека е прерано дигиталните валути да се користат за тргување со нафта и со други добра кои го сочинуваат поголемиот дел од извозот на Русија.

Русија беше во потрага по алтернативни начини на плаќање откако се соочи со санкции од Америка поради анексијата на Крим, по што Путин ги обвини САД дека ја користат нивната валута како оружје.

Досега, руската банка постојано ги предупредуваше инвеститорите за опасностите од крипто-пазарот, а дигиталните валути не се дозволени како метод за плаќање во рамките на Русија.

Толеранцијата на Путин кон криптовалутите доаѓа откако Белата куќа најави иницијатива за преглед и координирање на криптовалутите, што би можело да доведе до нови регулации во САД, додека пак, владата на Кина во септември ја урна крипто-индустријата во нивната земја и ги забрани сите крипто-трансакции, тврдејќи дека таквите пари „не постојат“.