Советот на Руската Федерација усвои закон со кој се прекинува важноста на Договорот за уништување на нуклеарно оружје со среден и краток дострел (ИНФ), јавува „Б92“.

Законот сега ќе биде однесен на потпис кај претседателот на Русија, Владимир Путин, за потоа да стапи на сила. Во согласност со законот, претседателот има право и да донесе одука за обнова на важноста на ИНФ.

Претходно, рускиот претседател даде предлог пред парламентот да усвои закон за прекинување на важноста на ИНФ.

Вчера генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, се закани дека Алијансата ќе преземе мерки доколку Русија не ги почитува обврските кон ИНФ, кој беше склучен меѓу САД и СССР.

Американскиот претседател Доналд Трамп на 2 февруари соопшти дека Вашингтон започна процедура за повлекување од овој Договор. Путин пак, по оваа изјава кажа дека Русија реципрочно ќе одговори на одлуката на САД и исто така ќе го прекине учеството во ИНФ.

Тој изјави дека и Москва нема да дозволи да биде вовлечена во скапа трка на вооружување и додаде дека сите предлози за разоружување на Русија „остануваат на маса, а вратите остануваат отворени“, но и нареди руските официјални лица да не иницираат никакви преговори околу ова прашање.

Рускиот лидер на 4 март потпиша указ според кој Русија ги прекинува исполнувањето на обврските кон Договорот за уништување на нуклеарното оружје со среден и краток дострел.