Додека во целиот свет се обидуваат да го спречат хаосот од натамошно ширење на коронавирусот, Русија го нема тој проблем затоа што навремено реагираше. Поминаа повеќе од два месеци од избувнувањето на заразата во Кина, а во оваа голема земја има само шестмина заболени.

Многумина се фасцинирани од фактот дека толку голема земја успеа толку добро да го спречи ширењето на инфекцијата. Како што пишуваше Телеграф.рс претходно, од самиот почеток руските власти дејствуваа сериозно и веднаш ги ставија сомнителните лица во карантин, ги забранија летовите и ги затворија границите за оние од загрозените области.

И сега, додека властите околу нив вршат притисок за да го спречат натамошното ширење на опасниот вирус, Русија само дополнително ги заострува контролите за да ги спречи непредвидените ситуации.

Најновата мерка е да се измери температурата на сите патници во московското метро. Во случај некој од патниците да биде сомнителен, вработените во метро станиците веднаш повикуваат брза помош. Покрај тоа, од час во час се врши детална дезинфекција на ескалаторите, држачите и платформите.

Исто така, донесена е одлука секојдневно да се мери температурата на децата во градинките, како и на учениците и студентите. На работодавците им е дадена препорака да вршат контрола над своите вработени.