Рускиот претседател Владимир Путин на Самитот на Шангајската организација за соработка порача дека антитерористичките напори се приоритет на Организацијата.

На обраќањето на Самитот, во кинескиот град Чингдао, Путин истакна дека новиот договор што го усвоила Организацијата опфаќа планови за заеднички антитерористички напори во наредните три години. 

Тој наведе дека со договорот се предвидени заеднички воени вежби, размена на информации и спроведување на координирани антитерористички акции. 

Путин ја истакна потребата Организацијата внимателно да ја следи ситуацијата во Авганистан со цел ја да ги забележи заканите на екстремистите во земјата.

Рускиот претседател го поздрави и планираниот Самит на САД и Северна Кореја, истакнувајќи го придонесот на Пекинг за намалување на тензиите на Корејскиот Полуостров. 

Од друга страна, го критикуваше повлекувањето на САД од нуклеарниот договор со Иран, нагласувајќи дека членките на Шангајската организација се загрижени поради тој американски чекор. 

– Одлуката на Вашингтон да се повлече од договорот може да ја „дестабилизира ситуацијата“ во регионот, предупреди Путин, напоменувајќи дека Москва ќе продолжи да ги почитува нејзините обврски во рамките на нуклеарниот договор со Иран.