Оружениот напад во Калифорнија во кој беа убиени најмалку 13 луѓе, има сличности со најмасовниот убиствен напад во поновата американска историја што се случи во Лас Вегас пред една година, во кој загинаа 58 лица, создавајќи невообичаена група на Американци меѓу преживеаните на двата трагични настани – луѓето што останале живи во две масовни престрелки, пишува „Њујорк тајмс“.

Покрај пуконтниците, жртвите и хаосот, врска помеѓу нападите претставува и кантри-музиката. Барот „Бордерлајн“ во Калифорнија, каде што се случи вчерашниот напад, пушта ваков вид на музика, со што стана своевидно прибежиште за преживеаните од масакрот во Лас Вегас, кој се случи за време на фестивал на кантри-музика.

– Ова се случува вторпат за една година. Јас бев во Лас Вегас кога се случи тамошниот напад, веројатно како и 50-60 други лица кои беа заедно со мене и вечерва – кажа фитнес-тренерот Николас Чемпион, кој е редовен посетител на „Бордерлајн“.

Во барот се организираат и настани во спомен на нападот во Лас Вегас, каде што преживеаните, како и семејствата на жртвите, се собираат за да си пружат меѓусебна поддршка.

– „Бордерлајн“ беше нашето безбедно место, може да се каже и дом, за 30 до 45 луѓе кои беа присутни и во Лас Вегас. Тоа беше местото каде што отидовме веќе наредната недела и седевме три вечери едноподруго, за да бидеме заедно – објаснува Брендан Кели, кој ги преживеа двата оружани инциденти.

Од друга страна, Телеманус Офранос, се спасил при нападот во Лас Вегас, но не и во пукањето во барот, во кое го загуби животот.

Американските медиуми пренесуваат дека напаѓачот прво фрлил чадни бомби пред објектот во градот Таузенд Оукс, а потоа ги нападнал обезбедувањето и благајничката, по што почнал да пука и кон посетителите на „Бордерлајн“. Во оружениот напад се ранети десет лица, а полицијата соопшти дека меѓу убиените е и напаѓачот. 

САД се соочија со бран од масовни оружени напади во последната година. Неодамна се случи и масовното убиство на 11 луѓе во синагога во Питсбург.

Барот „Бордерлајн“ стана своевидно прибежиште за преживеаните од масакрот во Лас Вегас