Во Виена вечерва е извршен напад во близина на синагога, а според првичните информации, ранет е полицаец кој ја обезбедувал зградата.

Според некои австриски медиуми, повредени се неколку луѓе, а полицаецот е во животна опасност.

„Кронен цајтунг“ наведува дека биле истрелани неколку куршуми во близина на Шведенплаца. Локалните медиуми јавуваат и дека луѓе бегале од тој дел од градот кога ги слушнале пукотниците.

Внатрешната безбедност на еврејската верска заедница во Австрија апелира до сите еврејски граѓани да не ги напуштаат своите домови.

Се наведува дека сторителот е во бегство, но засега не е јасно дали има повеќе напаѓачи, бидејќи има информации дека имало тројца. Снимките споделени на социјалните мрежи покажуваат терористичко пукање.

– Има неколку повредени лица – објави полицијата на Твитер.

– Ние сме на самото место со сите расположиви сили. Ве молиме избегнувајте ги сите јавни плоштади во градот – се вели во полициското соопштение.

Голем број полицајци се на лице место, како и брза помош.