Две лица загинаа, а тројца се повредени во пукање во градежен колеџ во Благовешченск, според прес-службата на Министерството за внатрешни работи на регионот Амур.

Полицијата соопшти дека млад човек дотрчал до блиската полициска патрола и рекол дека неидентификувано лице отворило оган кон колеџот.

-Кога инспекторите се качија на вториот кат од училиштето, видоа маж со оружје. Тој пукаше кон инспекторите, полицајците одговорија. Сторителот бил блокиран во амфитеатарот – соопшти полицијата.

Напаѓачот се самоубил.

Студентите од колеџот и вработените ја напуштиле зградата.

Според рускиот истражен комитет, 19-годишен студент на колеџот пукал од оружје за лов. Другото убиено лице е негов врсник.

Гувернерот Василиј Орлов изјави дека напаѓачот бил сам. Тој изрази сочувство до семејствата на жртвите и изјави дека надлежните ќе ја дадат целата неопходна помош.

Според првичните податоци, причина за пукањето можеби е конфликтот меѓу врсниците. Студент на земјоделски колеџ, кој се наоѓа веднаш до градежниот колеџ, за „Спутник“ изјави дека студентот што пукал бил малтретиран.