Исламската држава (ИД) го загуби својот „Калифат “ во Сирија и Ирак, но сега започнува да се проширува во планините на североисточен Авганистан со регрутација на нови борци и креирање на нови планови за напади на САД и Европа, констатираа американските и авганистанските безбдносни лица, а пренесе канадскиот „Глоуб енд меил“.

Скоро две декади по инвазијата на САД, екстремистичката група се смета како поголема закана и од талибанците поради софистицираните воени способности и нивната стратегија да напаѓаат цивилно население, во Авганистан но и на други локации во светот. Загриженоста е толку голема што може да се случи талибанците, кои исто така во минатото се судираа со ИД, да станат потенцијален партнер на западните сили на Блискиот Исток во борбата против оваа екстремистичка организација.

Американски разузнавач кој работи во Авганистан за „Асошиејтед прес“ изјави дека неодамнешниот бран на напади го главниот град Кабул се „пробни вежби“ за уште поголеми во Европа и САД.

– Оваа група е закана за нашата татковина и од Авганистан. Главната идеја и цел на оваа група е надворешни напади надвор од Блискиот Исток. Прашање на време е кога нападите ќе се случат – рече тој.

Брус Хофман, директорот на Центарот за безбедносни студии на Универзитетот во Џорџтаун го гледа Авганистан како ново можно упориште на ИД, сега кога се принудени да ги напуштат Ирак и Сирија. Според неговите информации, екстремистите ги насочиле сите ресурси и внимание во Авганистан, како и големи количества на оружје.

Без агресивна противтерористичка стратегија, гранките на ИД би биле спремни да спроведат напади од големи размери во Европа и САД веќе следната година. Дополнително, според информациите од американските разузавачи, борците на ИД заробени во Авганистан контактирале и соработувале со милитанти од други земји, а уапсени се најмалку осум лица во САД поврзани со ИД.

Во Авганистан, групата активно регрутира на универзитетите, каде според нив е најверојатно да најде технички подготвени Авганистанци кои можат да патуваат во странство, да користат социјални мрежи и да можат да планираат софистицирани напади. Не е тајна дека оваа татика на ИД во земјата се спроведува години наназад, а жителите кои ги напуштија местата освоени од милитантите опишуваат дека нивното однесување е многу радикално и слично како она во Сирија и Ирак, завршуваат од „Глоуб енд меил.“