Доан Ти Хуонг

Двете жени од југоисточна Азија осомничени за убиството Ким Јонг-нам, полубратот на севернокорејскиот лидер Ким Јонг-ун, се обучени убијци кои употребиле сила за да го нанесат отровниот нервен агенс Ве-Икс врз неговото лице, тврди обвинителството на судењето во Малезија, пренесуваат американските медиуми.

Од друга страна, жените порачуваат оти биле измамени од севернокорејски агенти, за да помислат дека изведуваат безопасна шега за телевизиско шоу на скриена камера. За обвинителството, пак, тоа објаснување претставува досетлив обид за прикривање на злокобната завера, со цел да се „замачкаат очите“ на јавноста.

Сити Ајсјах од Индонезија и Виетнамката Доан Ти Хуонг, кои се соочуваат со смртна казна доколку бидат осудени, се изјаснија за невини за убиството на Ким Јонг-нам на аеродромскиот терминал во Куала Лумпур на 13 февруари минатата година.

Ким Јонг-нам

– Овој вид на атентат може да биде виден единствено во филмовите за Џејмс Бонд, а двете девојки не се случајно избрани да бидат „жртвени јагниња“. Тие знаеја што треба да сторат и успеаја во нивната намера – истакна обвинителот Ван Шахарудин.

Одбраната останува на ставот дека Ајсјах и Ти Хуонг немале мотив да го извршат убиството, односно оти се пиони во политичкиот атентат изведен од Северна Кореја.

Ким Јонг-нам, најстариот син на семејството што владее со Северна Кореја, живееше во странство долги години. Се претпоставува дека тој бил сметан за можна закана за власта на Ким Јонг-ун. Малезиските власти не изнесоа обвинувања поврзани со Северна Кореја, јасно истакнувајќи оти судењето не треба да се политизира.

Сити Ајсјах