На нешто повеќе од половина од својот четиригодишен мандат, американскиот претседател, републиканецот Доналд Трамп, веќе има група од над дваесеттина можни противници од редовите на Демократската партија, кои претендираат на неговото место и чија главна ѕвезда водилка е идејата ограничување на неговото претседателствување на само еден мандат.

Во неделите што изминаа демократските претенденти за претседателски кандидат се сè побројни. Своја кандидатура најавија можеби триесетмина демократи, а 15 од нив веќе ги започнаа нивните кампањи со посети на гласачите.

Тие се една прилично разнообразна група од поединци, политичари со мало или големо искуство, бизнисмени, ѕвезди од шоу бизнисот… Меѓу нив има познати политичари, но и личности за чии имиња Американците првпат слушаат.

Најстариот од нив е Берни Сандерс, 77-годишниот сенатор од сојузната држава Вермонт, а најмладиот е Пит Бутиџич, градоначалник на Саут Бент во Индијана, кој е 40 години помлад од Сандерс. Има и некои кои ги прават првите чекори во политиката, како Тулси Габард, 37-годишната конгресменка од Хаваи која е против воените интервенции на САД и која во 2017 година тајно била во Сирија и се сретнала со сирискиот претседател Башар Асад.

Од петнаесет претенденти кои веќе ја започнаа кампањата, шест се сенатори, поранешни или сегашни членови на Претставничкиот дом, поранешни и актуелни гувернери на сојузните држави и по еден поранешен министер, градоначалник, претприемач и писателка. Од оваа листа се наоѓаат шест жени, петмина Афроамериканци и еден јавно деклариран хомосексуалец (Бутиџич).

На списокот засега ја нема противничката на Трамп на изборите во 2016 година и поранешен државен секретар и сенатор, Хилари Клинтон, која на почетокот на месецов изјави дека нема да се кандидира, но подоцна беше објавено дека својата конечна одлука таа ќе ја донесе по обелоденувањето на извештајот на специјалниот обвинител Роберт Малер, за врските на кампањата на Трамп со Русија.

Вашингтон деновиве со нетрпение го очекуваше обелоденувањето на извештајот на Малер, што се случи синоќа, но американските експерти и правници предвидуваат дека неговата истрага нема да биде никаков „ексклузив“, кој би довел до импичмент на Трамп. Затоа, круговите блиски на Клинтон, која во 2020 година ќе наполни 73 години, не очекуваат таа да се вклучи во предизборната трка. Според Џон Подеста, шеф на нејзиниот изборен штаб во 2016 година, шансите за тоа се практично нула.

Историјата на американските избори говори дека од 1950 година ниту еден официјален кандидат на републиканците или демократите, кој изгубил во финалето на претседателската трка, не се кандидирал повторно по четири години. Затоа јавноста и политиколозите веќе ги отпишаа како Клинтон, така и 75-годишниот Џон Кери, поранешен сенатор и државен секретар во администрацијата на Барак Обама. Кери на изборите во 2004 година загуби од Џорџ Буш Помладиот, кој отслужи два мандата. Оттука како и Клинтон, така и Кери, го носат епитетот на „губитник“.

Според најновата анкета на Си-Ен-Ен, најголема популарност помеѓу претендентите за кандидат за претседател на демократите уживаат Берни Сандерс и поранешниот потпретседател Џо Бајден, кој сè уште официјално не се вклучил во трката, но се очекува да го стори тоа во наредните недели. Сандерс, главниот соперникот на Клинтон меѓу демократите во предизборната трка во 2016 година, ги освои симпатиите на младите Американци со своите револуционерни ставови за кои и тој самиот вели дека се социјалистички.

Тој е независен, но во Конгресот секогаш беше дел од блок на демократите и го носи епитетот на прогресивен, како најекстремна левица во Демократската партијата. Во истото лево крило се наоѓа и сенаторката од Масачусетс, Елизабет Ворен, кој е неуморна критичарка на Вол Стрит.

Сериозна конкуренција на претходно споменатите е и 54-годишната Афроамериканка Камала Харис, поранешен државен обвинител на Калифорнија, чија мајка е доселена од Индија, а татко и е Јамајчанец. Таа не е толку прогресивна и својата програма ја ориентира на заштита на средната класа и ниски даноци за таа категорија на граѓани.

Минатата недела во трката се вклучи и 46-годишниот поранешен конгресмен Бето О’Рурк, кој се смета за ѕвезда во подем на Демократската партија на кого му претскажуваат блескава политичка иднина.

О’Рурк е поранешен скејтбордист и панк рокер со диплома од Универзитетот Колумбија во Њујорк, кој мина три мандати во Претставничкиот дом и лани за влакно не влезе во Сенатот како претставник од Тексас, губејќи од републиканецот Тед Круз. О’Рурк во младоста бил казнет поради возење во пијана состојба и бил задржан во полиција за непристојно поведение време на партиски митинг, но овие епизоди, кои тој ги нарече ужасни грешки од младоста, не би требало да бидат пречка во неговата кампања.

Останати демократски претенденти се сенаторката од сојузната држава Њујорк, 52-годишната Кирстен Џилибранд, која го претставува движењето „Ми ту“ (#MeToo), како и нејзината колешка од Минесота, Ејми Клобушер.

Тука се и 49-годишната сенаторка од Њу Џерси, Кори Букер, како и претставникот од крупниот бизнис, 65-годишниот Хауард Шулц, до неодамна раководител на синџирот кафетерии „Старбакс“. Тој за себе вели дека е центрист и се кандидира како независен, бидејќи Демократската парија, според него, „отишла премногу в лево“.