Возач на автомобил загина утрово во јужна Франција кога со возилото удрил во камион на обиколка блокирана од „жолтите елеци“, соопштија локалните власти.

– Возачот, 36-годишен маж, загина во сообраќајна несреќа што се случи во близина на Перпиња, изјави полициски службеник.

Со ова бројот на смртни случаи поврзани со повеќенеделните антивладини протести се зголеми на десет.

Демонстрантите и денеска организираат протестни акции ширум земјата, како и секоја друга сабота, почнувајќи од средината на ноември.

Во пресрет на денешните шести по ред саботни протести на „жолтите елеци“, француската полиција за одржување на редот ангажираше околу 4.000 полицајци, од кои над 1.200 само во Париз.

Како што јави ДПА, во Стразбур се собрале околу 100 лица, кои протестирале на мостот „Европа“, во близина на француската гранци со Германија, поради што бил предизвикан застој во сообраќајот меѓу двете земји.

Поради протести на „жолтите елеци“, застои во сообраќајот имаше и на патиштата во југозападна Франција, што водат кон границата со Шпанија.

На протсетите на „жолтите елеци“ минатата сабота учествуваа околу 66.000 лица, но по одлуката на претседателот на Франција, Емануел Макрон на почетокот на неделава да направи отстапки, кои вклучуваа и откажување од најавеното зголемување на таксите за горивата, протестните собири почнаа да губат на интензитет и масовност.