На улиците во Лондон синоќа се собраа илјадници луѓе на протест против новиот премиер Борис Џонсон.

Демонстрантите на двокатен автобус држеа говори против политиката на Џонсон, а протестот беше поддржан од различни граѓански организации, меѓу кои и движењето „Моментум“, кое е тесно поврзано со Лабуристичката партија, главната опозициска сила во британскиот Парламент.

– Влеговме во политичка епоха, во која фактите немаат значење и Џонсон исклучително успешно го користи тоа – изјави лондонскиот универзитетски професор Енди Јангар.

Џонсон вчера официјално стана премиер на Велика Британија. Тој имаше аудиненција кај кралицата Елизабета Втора, по што одржа говор пред Даунинг Стрит 10. Со новоназначените министри ќе треба да изнајде начин како да го реши брегзит, поради кој Тереза Меј поднесе оставка.