Десетици илјади Курди вчера демонстрираа низ цела Европа против турската воена офанзива во северна Сирија, а протести се одржаа во Франција, Шведска, Грција, Германија, Австрија и Швајцарија.

Во Келн се собраа 10.000 луѓе кои носеа знамиња со симболите на курдските Единици за заштита на народот и Рожава, односно „Сириски Курдистан“, барајќи запирање на турската офанзива, воведување на зона на забрана на летање и прекинување на продажбата на оружје за Турција, пренесе Дојче веле.

На демонстрантите им се придружија и германските левичарски групи, а Курдите протестираа и во други градови, вклучувајќи ги Хамбург, Берлин и Минхен.

„Заедно како едно, курдскиот народ се обедини“, извикуваа демонстрантите во Келн, нарекувајќи го турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган „терорист“ и „убиец на деца“.

Неколку илјади Курди и левичарски активисти демонстрираа и во Солун и во Атина. Илјадници демонстранти се собраа во Солун, каде запалија фотографии на турскиот претседател Ердоган и носеа транспаренти со напис „Каде се ОН?“.

Сцените со палењето на фотографиите се повторија и пред турскиот конзулат што го обезбедуваа полициските сили.

Во Атина се собраа до 2.000 Курди и други активисти кои маршираа до турската амбасада, но полицијата ги спречи да се приближат до зградата.

Тие носеа курдски знамиња и транспаренти со натписи „Веднаш сопрете ја инвазијата“, а една група запали постер со ликот на Ердоган, наведе „Ројтерс“.

Како што пренесе „АП“, околу 150 лица маршираа и до американската амбасада.

И во Париз протестираа околу илјада граѓани во знак на поддршка за Курдите. Учесниците тука предупредија дека турската офанзива би можела да доведе до оживување на т.н. Исламска држава, пренесе „АП“.

Протести се одржаа и во Австрија и Швајцарија.