Илјадници демонстранти се прегрупираа откако денеска полицијата на нив фрлаше со солзавец додека тие маршираа низ улиците на Хонгконг, во вториот ден од отпорт пред националниот ден на Кина (1 октомври).

Демонстрантите, претежно облечени во црно, носејќи чадори и постери, пееја песни и извикуваа „станете за Хонгконг, во борба за слобода“, додека маршираа кон комплексот канцеларии на владата.

Многумина претходно се разбегаа откако полицијата фрли солзавец во толпата, како одговор на фрлањето на предмети од страна на демонстрантите кон нејзините припадници.

Сепак, дел од оние кои протестираа се вратија, некои од нив нисејќи и знамиња на САД, Велика Британија и други западни земји, пренесе агенцијата АП.

Тие уништувале и палеле постери со кои се честита 70 години власт на Комунистичката партија на Кина. За потсетување, Хонгконг е поранешна британска колонија која денеска има делумна автономија, односно е посебен административен регион на Кина.

Демонстрантите со спреј пишувале пароли на ѕидовите и ги искршиле прозорците на излезите на неколку метро станици.

Овој собир е продолжение на повеќемесечните протести со кои се бара поголема демократија во Хонгконг.