Хонгконг уште еднаш покажа дека е „трн во окото“ на кинеската Комунистичка партија и нивниот лидер Си Џинпинг, откако демонстрантите ги преплавија улиците на градот третпат во една недела, пишува Си-ен-ен.

Неколкуте години релативен мир по големите протести во 2014 година дадоа впечаток дека полуавтономниот кинески град влезе во чекор со Пекинг под владеењето на лидерот Кери Лам.

Но, во само осум дена, масовните протести ја ставија кинеската влада во тесно, ги охрабрија антикинеските елементи во Тајван и создадоа услови во кои тие би можеле да бидат дел од преговорите во трговската војна меѓу САД и Кина.

Јавно, кинеската влада ги осуди протестите, поддржувајќи ја локалната влада, и ги обвини странските фактори за мешање и создавање на антикинески елементи во градот.

Сепак, експертите сметаат дека демонстрациите во Хонгконг го привлекоа вниманието кон Кина во момент кога Си не смее да си дозволи негативни критики.

– Претседателот Си сè уште сака да ги врати преговорите со САД назад во колосек и во овој момент не сака трговијата да ја поврзе со било кое друго прашање – смета Бони Гласер од Центарот за стратешки и меѓународни студии.

Во овој момент, Хонгконг е непосакуван проблем за кинескиот лидер, во моменти кога се очекува Трамп и Си да се сретнат во Осака на Г-20 самитот, првпат по неуспешните преговори околку трговската војна на почетокот на месец мај оваа година.

Двете страни меѓусебно се обвинија за неуспехот на преговорите, а како одговор, администрацијата на Трамп ги зголеми тарифите на 25 отсто за кинеските продукти во вредост од 200 милијарди долари.

И додека и САД и Кина бараат начин за излез од кризата, демонстрациите во Хонгконг предизвикаа уште еден бран од антагонизам и реторика меѓу двете земји.

По иницијалните протести, американскиот државен секретар Мајк Помпео изрази загриженост за законот за екстрадиција поради кој се протеститра, додека американскиот Конгрес се закани дека новата легислатура би го променил специјалниот статус на Хонгконг на трговски центар, доколку Пекинг не прекине да се вмешува со слободите во градот.

Кинеското министерство за надворешни работи изјави дека било кој обид за поттикнување на хаос во Хонгконг е предодреден на неуспех.

– Повикуваме одредени луѓе во САД да ги почитуваат основните факти, да ја отфрлат ароганцијата и предрасудите и да престанат со валканите трикови за мешање во внатрешните работи на Хонгконг – изјави портпаролот Генг Шуанг.

Екпертот Гласер смета дека не е невообичаено Пекинг да ги обвинува САД за вмешување во домашната политика, што е стандарден шаблон кој се користи декади наназад во минатото од падот на Советскиот Сојуз.

Од друга страна, таа додаде дека сепак постои можност претседателот Трамп да ја гледа ситуацијата во Хонконг како потенцијален момент и предност во преговорите во трговската војна, слично како што тие се однесуваа во однос на Тајван и забраната за „Хуавеи“.