Пропалестинска група го обвини Израел за смртта на голем број Афроамериканци во рацете на американските полицајци, тврдејќи дека ИДФ ја обучува американската полиција на тактики кои водат до кршење на човековите права, пренесува „Џерусалем пост“.

Американската кампања за палестински права (УСЦПР) ги објави обвиненијата на Твитер во петокот.

– Израелската војска ја обучува американската полиција на расистичка и репресивна полициска тактика, која систематски ги таргетира Афроамериканците. Неодамнешните убиства на Џорџ Флојд, Бреона Тејлор и Ахмауд Арбери се примери на расистичко, системско насилство – пишува УСЦПР.

Твитот содржи линк до статијата од 2016 година на веб-страницата на „Амнести интернешнел“ во САД под наслов „Со кого тренираат многу американски полициски оддели? Со хроничниот прекршувач на човековите права – Израел“.
Написот детално опишува како полицајците од полициските оддели во Балтимор, Флорида, Њу Џерси, Пенсилванија и Калифорнија, меѓу другите, добиле обука од израелскуте полициски, воени и разузнавачки служби во САД.

– Овие обуки ја ставаат полицијата во Балтимор и другите американски полицајци во рацете на воените, безбедносните и полициските системи кои со години имаат документирано кршење на човековите права – тврди Амнести, пред да продолжи обвинувајќи ја израелската полиција за извршување вонсудски егзекуции и други незаконски убиства, лошо постапување и тортура (дури и против деца), задушување на слободата на изразување / здружување, вклучително преку надзор на владата и прекумерна употреба на сила против мирни демонстранти.

– Јавните или приватните фондови потрошени за обука на нашата домашна полиција во Израел треба да не засега сите нас. Многу од документираните злоупотреби и нарушувања се исти како оние кај израелската армија, безбедносните и полициските сили – се вели во статијата.

УСЦПР ги поддржа обвинувањата на „Амнести“, привлекувајќи паралели помеѓу движењето „Блек лајвс медр“ и пропалестинскиот активизам, објавувајќи дека смртта на Флојд, Тејлор и Арбури се резултат на инвестирање во насилен и антицрнечки полициски систем.

Твитот истакнат од организацијата со тоа што е поставен на врвот на нивната страница гласи: „Колективното ослободување бара да застанеме зад борбата за слобода на сите угнетени луѓе. Во согласност со нашата визија за слобода, правда и еднаквост за палестинскиот народ во свет без расизам, се залагаме за солидарност со визиите за правда за црнечките заедници“.
– Ах да, секако. Затоа што нема во апсолутно ништо во американската историја што ќе ја објасни полициската бруталност против црнците. Тоа мора некако да го вклучи Израел. Мислев дека само Палестинците немаат агенција, сега и на американските полицајци им недостига – нивните постапки се одредени од ционистичките куклари – напиша Еинат Вилф, поранешен член на Кнесетот.

– Овие лажни обвинувања од Кампањата за палестински права и „Амнести интернешнел“ се одвратни и целосно лажни. Точно е дека тимови за специјални операции од локалните и државните полициски оддело, како SWAT, тренираат со Израел, но просечниот полицаец никогаш не добил обука од Израел! Дали Твитер и Џек Дорси ќе ги проверат фактите во денешното ширење лаги за Евреите? – рече во изјава за „Џуиш џурнал“ Брајан Леиб, поранешен национален директор на „Американците против антисемитизмот“.