Севернокорејскиот претставник Ким Мајонг Гил ги обвини САД дека се одговорни за неуспехот на разговорите за нуклеарната програма по неколкумесечниот застој и покрај новата ескалација на ракетни тестови од Пјонгјанг. Претставници на САД и Северна Кореја во саботата во Шведска ги почнаа разговорите во изолиран конференциски центар во предградие на Стокхолм.

– Преговорите не ги исполнија нашите очекувања и на крајот не успеаја. За неуспехот на преговорите, кои не доведоа до никаков напредок, се одговорни САД, кои не се откажаа од својата вообичаена позиција. САД ги поттикнаа очекувањата со предлози за флексибилен пристап, нови методи и креативни решенија. Но во голема мера нè разочараа и го уништија нашиот ентузијазам кога ништо не ставија на преговарачката маса – порача Ким.

Ким и американскиот претставник Стивен Биеган се сретнаа со посредство на шведскиот специјален претставник Кент Херстед. Делегацијата на Северна Кореја, на која под санкции во голема мера ѝ е забранета трговијата поради нејзината нуклеарна програма, пристигна во Шведска откако Пјонгјанг неочекувано рече дека преговорите ќе се одржат на 5 октомври.