Индонезиските власти откриле сигнали од две локации во Јаванското море. Се верува дека тие можеби потекнуваат од црната кутија на авионот на „Сривиџаја ер“, кој исчезна од радарите само четири минути по полетувањето на домашен лет од Џакарта за Понтијанак.

Спасувачките екипи пронашле делови од човечки тела и парчиња од трупот на авионот. Во него имало 56 патници и шест членови на екипажот, вкупно 62 лица.

Сè уште нема официјални податоци за жртвите.

„Уверен сум дека авионот ќе го најдеме многу наскоро“, рече член на индонезиското воено воздухопловство вклучен во потрагата, која се фокусира на поширокото подрачје на островите Лаки и Ланканг каде длабочината на морето е помеѓу 20 и 23 метри.

Авионот „боинг 737-500“, на компанијата „Сривиџаја ер“, вчера непосредно по полетувањето во 7 часот и 40 минути, паднал во морето откако нагло ја изгубил висината и набгу по полетувањето од индонезиската престолнина го загубил контактот со контролата на летање и исчезнал од радарите.

Војската распореди неколку воени бродови и два хеликоптера „Супер Пума“ во областа со цел да се помогне во потрагата, изјави командантот на вооружените сили.

Градоначалникот на областа каде исчезна авионот пренел сведоштва од локалните рибари кои наводно ја виделе експлозијата во близина на островот Лаки.

Роднините на исчезнатите патници, уште од вчера со нетрпение чекаат вести за авионот и судбината на нивните најблиски.