Двете црни кутии од авионот што се запали по вчерашното слетување на аеродромот „Шереметјево“ вчера во Москва се пронајдени, пренесува ТАСС.

– Двете црни кутии се најдени, а нивната состојба сѐ уште не е утврдена. Допрва ќе се види дали можеме да ги декодираме податоците – се вели во соопштението.

Патничкиот авион на „Аерофлот” со 73 патници и пет членови на екипажот летал кон Мурманск и се запалил по итното слетување на „Шереметјево“ кусо време по полетувањето.

Рускиот истражен комитет потврди дека починале 41 лице, вклучувајќи и две деца. Според руското Министерство за здравство, неколку лица се повредени.

За инцидентот е отворена кривична постапка по обвиненијата за кршење на правилата за безбедност на летот, што довело до смрт на две или повеќе лица.