Граѓаните на сите 28 членки на ЕУ во рекорден број излегоа да гласаат на европските избори и јасно ставија до знаење дека сакаат промени. Двата традиционални блока во европарламентот првпат по 40 години нема да можат сами да формираат коалиција, туку ќе мора да бараат поддршка од помалите групи, како зелените и либералите, кои забележаа добри резултати. Подем имаат и евроскептиците, но не толкав како што се најавуваше пред гласањето

Големите умерени десничарски и левичарски блокови во Европскиот парламент го загубија своето комбинирано мнозинство поради зголемувањето на поддршката за либералите, зелените и за националистите. Проевропските партии и понатаму ќе имаат мнозинство во Европскиот парламент, но двата традиционални блока ќе треба да бараат нови сојузи. Такви се резултатите од европските парламентарни избори што се одржаа во 28-те членки на ЕУ од 23 до 26 мај, кои многумина ги прогласуваа за „судбоносни“ и „историски“.
Либералите и зелените забележаа добри резултати, додека евроскептиците и популистите победија во Италија, Франција и во Британија. Одѕивот беше највисок во изминатите 20 години, што е спротивно на претходните трендови на пад на интересот на гласачите да излегуваат на европски избори. Иако популистичките забележаа успеси во неколку земји, тие сепак не успеаја да постигнат толку големи резултати како што се предвидуваа пред гласањето.

Умерено десничарската Европска народна партија (ЕПП) останува најголем блок во Европскиот парламент. Аналитичарите посочуваат дека таа овојпат нема да може да формира „голема коалиција“ со блокот на социјалистите и демократите, туку дека ќе мора да бара поддршка и од либералите (АЛДЕ) и зелените. Проевропските партии ќе го задржат мнозинството во новиот состав на парламентот на ЕУ, но пред сѐ благодарение на добрите резултати на АЛДЕ и одлуката на партијата на францускиот претседател Емануел Макрон да се приклучи кон оваа групација. Неговата алијанса на отпорот сепак на национално ниво беше поразена од ултрадесницата на Марин Ле Пен.

– Првпат по 40 години, двете традиционални партии, социјалистите и конзервативците, нема повеќе да имаат мнозинство. Јасно е дека оваа вечер е историски момент, бидејќи ќе има нова рамнотежа на моќта во Европскиот парламент – изјави по гласањето Ги Верхофштат, лидерот на АЛДЕ.
Добри резултати забележаа и зелените, при што групата успеа значително да го зголеми бројот на свои пратеници во однос на претходните избори.
Антиевропските и популистичките не остварија толкави успеси како што се предвидуваше, но нивните добри резултати во Франција, Италија и во други земји значат дека евроскептиците ќе имаат поголем удел во креирањето на европските политики, посочува Би-би-си.

Аналитичарите оценуваат дека резултатите од европските избори се одраз на тенденцијата што веќе е очигледна на националните избори во цела Европа, а тоа е отфрлањето на статус-квото, односно желбата за промени. Ако се погледнат резултатите на умерената десница и на умерената левица во Франција, на умерената десница на Ангела Меркел и на нејзините коалициски партнери, социјалдемократите, плус изборната шлаканица што им ја удрија гласачите на конзервативците и на лабуристите во Британија, се доаѓа до конечната порака од европските избори, а тоа е желбата за промени. Европските гласачи овојпат за своите проблеми побараа одговор на други места наместо кај традиционалните големи партии. Тие сметаат дека алтернативните партии и политичари можеби подобро ќе ги претставуваат нивните приоритети и вредности. Некои се свртеа кон националистите, кои им ветија остри мерки за имиграцијата и поголема моќ за националните парламенти, наместо за Брисел. Пример за тоа се вицепремиерот на Италија, Матео Салвини, и унгарскиот премиер Виктор Орбан. Други гласачи, пак, претпочитаат проевропска алтернатива, како што се зелените или либералните групи, и затоа тие забележаа добри резултати на европските избори. Како што нагласуваат аналитичарите, овие избори би требало да навестат промени, бидејќи гласачите масовно излегоа на гласање и јасно кажаа дека сакаат нова европска политичка мапа.


Рекордно висок одѕив

На овие европски избори е регистрирана најголема излезност во изминатите две децении, што е спротивно на претходните трендови на пад на интересот на гласање на избори за ЕУ. Излезноста овојпат изнесуваше речиси 51 отсто од гласачите на ЕУ во 28 членки, што е значително повеќе од претходните избори во 2014 година, кога учествуваа помалку од 43 отсто од гласачите. Одѕивот во Унгарија и Полска повеќе од двојно се зголеми во однос на претходните избори, а во Данска достигна рекордни 63 отсто, јави Би-би-си.
Аналитичарите како причини за високиот одѕив гледаат повеќе фактори, вклучувајќи го и подемот на популистичките партии како и зголемениот интерес за интернационалните прашања, како на пример климатските промени.


Како функционира европарламентот

Европскиот парламент е законодавно тело на Европската Унија. Тој е составен од 751 европратеник, кои директно се избираат од гласачите на ЕУ на секои пет години. Европарламентарците, кои заседаваат во Брисел и во Стразбур, ги претставуваат интересите на граѓаните на сите 28 членки на ЕУ. Една од главните улоги на парламентот е да носи европски закони предложени од Европската комисија, извршното тело на ЕУ. Парламентот исто така е одговорен за избор на претседател на Европската комисија, како и за одобрување на буџетот на ЕУ. Тој е составен од осум главни групации, кои соработуваат врз основа на нивните политички и идеолошки определби.


Победници и губитници

ГЕРМАНИЈА
Двете големи умерени партии забележаа пад. Демохристијаните на Ангела Меркел забележаа пад на поддршката, од 35 отсто во 2014-та на 28 отсто сега, додека умерените социјалдемократи забележаа пад од 27 на 15,5 отсто. Ултрадесничарската Алтернатива за Германија (АФД) имаше полош резултат отколку што се очекуваше (околу10,5 отсто), но и тоа е подобро од првите резултати на изборите во 2014 година

БРИТАНИЈА
Земјата мораше да учествува на изборите откако не успеа да се договори за брегзит, а најголем успех забележа новоформираната Партија за брегзит (32 отсто). Добри резултати забележаа и либералдемократите, додека гласачите ги казнија најголемите умерени партии, ториевците и лабуристите

ИТАЛИЈА
Матео Салвини, кој ја предводи италијанската партија Лига и работеше на формирање сојуз од најмалку 12 партии, забележа добар резултат со освоени повеќе од 30 отсто од гласовите

ФРАНЦИЈА
Наспроти мешаните резултати на ултрадесничарските партии во цела Европа, партијата Национален собир (претходно Национален фронт) на Марин Ле Пен славеше победа над партијата на претседателот Емануел Макрон, обезбедувајќи 24 отсто од гласовите наспроти неговите 22,5 отсто. Портпаролот на Макрон исходот го оцени како „разочарувачки“, но и како „апсолутно чесен“ во споредба со претходните резултати

УНГАРИЈА
Премиерот Виктор Орбан со својата антиимигрантска партија Фидес обезбеди 52 отсто од гласовите, односно 13 од вкупно 21 пратеничко место во земјата, што го прави еден од големите победници на овие избори.
– Ние сме мали, но сакаме да ја смениме Европа – рече Орбан, кој изборите ги опиша како „почеток на нова ера против миграцијата“

ШПАНИЈА
Владејачката Социјалистичка партија обезбеди речиси 33 отсто од гласовите и 20 места, додека екстремно десничарската партија Вокс (Глас) освои само 6,2 отсто и три пратенички места

ГРЦИЈА
Премиерот Алексис Ципрас повика на предвремени избори откако опозициската конзервативна партија Нова демократија освои над една третина од гласовите наспроти само 20 отсто за Сириза

ПОЛСКА
Десничарската владејачка партија Право и правда забележа добар резултат, освојувајќи 45 отсто од гласовите и 27 од вкупно 51 место во земјата.