Етиопскиот премиер Абиј Ахмед можеби прерано ја доби оваа награда

Автор: Дејвид Пилинг

Фајненшл тајмс

Може да се каже дека Нобеловата награда за мир носи проклетство. Барак Обама ја доби наградата во 2009 година само девет месеци откако дојде на претседателската функција и пред неговите грандиозни планови за мир на Блискиот Исток да се претворат само во зборови на хартија. Аунг Сан Су Чи, која сега е лидерка на Мјанмар, ја освои оваа награда уште во 1991 година, кога таа беше во куќен притвор и речиси секаде беше позната како бранителка на слободата и на демократијата. Подоцна се покажа дека таа е челична прагматичарка и мјанмарска националистка без никаква видлива волја за да го спречи прогонот на муслиманското малцинство на Рохинџите.

Сега дојде време под силна лупа да се најде Абиј Ахмед, етиопскиот премиер кој лани ја доби наградата. Абиј ги освои симпатиите на Нобеловиот комитет уште во првите месеци од неговиот мандат во 2018 година, кога ослободи политички затвореници, ги отвори медиумите и склучи мир со Еритреја. Сега, само по повеќемесечно насилство и ескалирање на етничките тензии, тој ја испрати етиопската армија во бунтовничкиот северен регион Тиграј како еден приказ на својата воена моќ, за која дури и неговите поддржувачи не можат да го одбранат.

Во сите три случаи, Нобеловиот комитет може да биде обвинет дека избрзал до одлуката. Аунг Сан Су Чи ја доби наградата откако одржа неколку моќни говори за демократијата, но многу пред самата да дојде на власт. Абиј и Обама ги добија наградите врз основа на ветувањата за мир, но тоа беше пред нивната инспиративна реторика соодветно да се покаже во пракса.

Со тоа што никогаш не била целосно потчинета на Западот, Етиопија повеќе личи сама по себе на една империјална сила. Повеќето од нејзините граѓани се против колонијалните понижувања што ги доживеале од северните планински народи кои доминираа во нивната историја. Луѓето се надеваа дека Абиј, чија етничка група Оромо е најголемата во Етиопија, ќе ги смири овие тензии, но случувањата тргнаа во друга насока. За Западот порано атрактивно звучеше визијата за „медемер“ на Абиј што на амхарски јазик значи сила преку различноста. Но за многу Етиопјани, тоа претставува изговор за концентрирање на моќта во центарот. Во овој конфликт нема „ангели“, како што истакнува еден етиопски поранешен поддржувач на Абиј. Сепак на функцијата, премиерот покажа лидерски карактеристики за кои Нобеловиот комитет сега посакува претходно да ги увидел.

Критичарите го нарекуваат пентекосталист кој се однесува како да има монопол над вистината. Говореше месијански за неговиот наводно предодреден пат до моќта, раскажувајќи приказни како неговата мајка предвидела дека еден ден ќе биде „крал“. Без разлика дали е или не е оправдана сегашната конфронтација, со сигурност може да се каже дека неговата репутација како мировник сериозно ќе биде нарушена. Нобеловиот комитет треба да ја научи лекцијата дека прво треба да скокне па да каже „оп“.

Превод: Билјана Здравковска