Милитанти од Севена Ирска се надевале дека бомбата што ја поставиле во камион минатата недела, со траект ќе премине во Британија и ќе експлодира во моментот кога земјата ќе ја напушти Европската Унија, соопшти полицијата.

Полицијата за првпат добила предупредување на 31 јануари дека бомба е поставена во камион кај пристаништето во Белфаст. Во телефонски повик до еден медиум било соопштено дека камионот со траект треба да премине од Северна Ирска во Шкотска, но полицијата не била во можност да го пронајде возилото.

Траектот заминал и пристигнал точно на денот кога Велика Британија ја напушти Европската Унија. Одлуката за брегзит длабоко ја подели јавноста во Северна Ирска, особно доколку се земе предвид дека Република Ирска и натаму е дел од европскиот сојуз.

Во понеделникот полицијата добила втор повик, во кој овој пат било наведено името на транспортната компанија на која припаѓал камионот, што довело до наоѓање на товарното возило кое не ја ни напуштило Северна Ирска.

– Според нашите сознанија, добиени од нивните тврдења, тие имале намера уредот да експлодира во времето кога Велика Британија ќе ја напушти ЕУ – изјави полицискиот службеник Џорџ Кларк на денешната прес-конференција.

Експлозивната направа била пронајдена во возило во индустриска зона во град Лурган во Северна Ирска. Полицијата соопшти дека експлозивот можел да предизвика сериозни последици по возачот и другите учесници во сообраќајот.