Со засилената дигитализација, побарувачката за полуспроводници и микрочипови во автомобилската индустрија продолжува да расте, иако таа краткорочно претрпе удар во 2020 година поради почетокот на пандемијата. Во тој контекст, не изненадува фактот што микрочиповите станаа неразделен дел од современите автомобили и автомобилската индустрија. Имено, податоците од „ИХС маркит“ покажуваат дека светската продажба на полуспроводници за автомобилскиот сектор се зголемила од 25,4 милијарди долари во 2012 година на околу 41 милијарда долари во 2019 година. Во анализите за 2020 година се очекува да се забележи пад од околу осум милијарди долари поради пандемијата на коронавирусот. Според податоците на светската статистика за трговија со полуспроводници, вкупната продажба во оваа индустрија за 2020 година изнесува околу 439 милијарди долари.
Последиците од пожарот во фабриката за производство на чипови во Ибараки, северно од Токио, Јапонија, ги истакнуваат тешкотиите со кои сега се соочуваат производителите. Јапонската влада интервенира во санирање на штетите за да може во најкраток рок да ја врати фабриката во функција. Производството на микрочипови и автомобили е меѓу најважните индустриски дејности во Јапонија и самото нефункционирање на една фабрика предизвикува големи нарушувања.