Според анализите на НАСА и на НОАА, во 2018 година биле измерени температури на воздухот на Земјата, што биле четврти најтопли од 1880 година досега. Температурите во светот биле потопли за разлика од периодот од 1951 до 1980 г. и за еден степен повисоки од просекот од 1880 година. Во светски рамки, измерените температури во 2018 година биле пониски споредено со 2017, 2016 и 2015 г., но генерално изминатите пет години се најтопли во поновата историја. Според научниците, затоплувањето во голема мера се должи на зголемените емисии на јаглерод диоксид и другите стакленички гасови во атмосферата предизвикани од човечки фактор. Временските услови влијаат врз регионалните температури, така што не секој регион на Земјата еднакво страда од затоплувањето, но трендот најмногу се забележува на Арктикот, каде што лани нагло се стопил мразот во морето. Исто така, топењето огромни санти мраз од Гренланд и од Антарктикот го зголемува нивото на морињата. Порастот на температурите е причина и за подолги сезони на пожари и екстремни временски непогоди.