Норвешките спасувачи веќе четврти ден ја продолжуваат потрагата по деветмина исчезнати, откако во свлечиште загина едно лице, а десетмина беа повредени.
Спасувачите се надеваат дека ќе пронајдат преживеани во местото Аск со 5.000 жители, 25 километри североисточно од Осло.
– Во свлечиштето гледаме дел од зграда што е практично неоштетен. Се надеваме дека постојат воздушни џебови и дека ќе може да пронајдеме преживеани. Сега се концентрираме на тоа – изјави претставничката на локалната полиција, Ида Мелбо Ејстесе, на прес-конференција. Спасувачите викендов единствено пронајдоа еден настрадан. Меѓу исчезнатите има две деца од две и 13 години.
Властите поради свлечиштето евакуираа 1.000 луѓе, кои не можат да се вратат дома поради нестабилниот терен. Еден од повредените е во тешка состојба и е префрлен во Осло.