Холандија ги отфрли истражувањата на германскиот приватен детектив за уривањето на авионот на „Малезија ерлајнс“ во јули 2014 година. Во заклучоците на меѓународниот тим, предводен од холандските власти, се наведува дека патничкиот авион бил соборен со руски противвоздушен проектил „бук“. Но Москва го повика тимот за непристрасна истрага за малезискиот авион што се урна над источна Украина.
Малезискиот премиер ги окарактеризира последните тврдења на меѓународниот тим како политички мотивирани од „ловот на вештерки против Русија“, пренесуваат светските медиуми.

Холандските истражувачи одбиле да ги прифатат новите материјали за случајот „МХ17“ од германскиот приватен детектив Јозеф Реш и не ги зеле предвид во своето излагање на случајот минатиот пат.

– Моите материјали беа одбиени од холандскиот заеднички истражен тим веднаш штом побарав тие да бидат достапни за јавноста – изјави Реш.
Германскиот детектив тврди дека материјалите вклучуваат важни нови информации, вклучувајќи и аудиоснимки за воздушниот сообраќај кога се случи инцидентот, снимки од телефонска комуникација на украински војници, снимки поврзани со летот на рускиот претседател Владимир Путин од Бразил во Москва дента на уривањето на авионот, како и лични снимки на пилотот за инцидентот и уште други докази.

Ниту една од овие информации не била искористена во јунската презентација, која само ги потврди претходните информации дека МХ17 е соборен со руска ракета „бук“, најверојатно истрелана од проруските бунтовници во регионот.