Руската нуклеарна агенција „Росатом“ соопшти дека во експлозијата настрадале пет члена на нејзиниот персонал, а тројца се наоѓаат во сериозна здравствена состојба поради големите изгореници. Инцидентот се случил при тестирање изотопски извор на енергија за мотори на проектили

Русија призна дека експлозијата во базата за лансирање проектили на далечниот Север имала нуклеарни карактеристики, како и тоа дека во инцидентот загинале пет лица. Руската нуклеарна агенција „Росатом“ соопшти дека во експлозијата настрадале пет члена на нејзиниот персонал, а тројца се наоѓаат во сериозна здравствена состојба поради големите изгореници.
„Росатом“ прецизира дека нејзиниот персонал обезбедувал техничка поддршка за изотопски извор на енергија за мотори на проектили, додека, пак, војската не спомена никакво нуклеарно гориво во реакцијата по инцидентот. Според атомската агенција, несреќата се случила на поморска платформа, а неколку работници биле отфрлени во море.

– Ги баравме додека имаше надеж дека ќе ги пронајдеме живи. Сега објавивме дека пет соработници на „Росатом“ смртно настрадаа – се наведува во соопштението на „Росатом“.

Непосредно по инцидентот, руското министерство за одбрана наведе дека се случила експлозија во текот на тестирањето мотори за проектили со течно гориво и оти двајца експерти починале од добиените повреди. Властите во Москва досега објавија малку детали за несреќата во базата во селото Нионокс, отворена во 1954 година, која е специјализирана за тестирање проектили за руската флота, особено на балистички проектили. Руската војска и претставникот на регионалниот гувернер првично изјавија дека нема радиоактивно загадување, но управата на Северодвинск, град со околу 190.000 жители што се наоѓа на 30 километри од базата, објави на својата веб-страница дека е измерено краткотрајно зголемување на радиоактивност. Потоа, веста беше тргната од веб-страницата на градското собрание, кое не прецизира до кое ниво е зголемена радиоактивноста.

Работникот на цивилната заштита Валентин Магомедов изјави за ТАСС дека нивото на радиоактивност се зголемило на два микросиверти на час, и тоа само за 30 минути, додека дозволената изложеност изнесува 0,6 микросиверти на час.

Со реакција се јави и организацијата „Гринпис Русија“, која во саботата објави писмо од нуклеарниот истражувачки центар, во кое се наведени истите вредности, но оти тие траеле најмалку еден час. Поради инцидентот и многуте нејаснотии за нивото на радиоактивност, жителите на Северодвинск направија резерви од јод, кој се користи за намалување на ефектите од изложеноста на радијација.

Најтешката нуклеарна несреќа во историјата се случи во 1986 година, во украинската централа „Чернобил“, која беше дел од тогашниот Советски Сојуз. Советските власти тогаш беа обвинети дека неколку недели се обидувале да го скријат вистинскиот размер на катастрофата, што беше обележено со испуштање огромно количество радиоактивен материјал во атмосферата и во почвата.