Демонстрациите во САД продолжуваат поради убиството на Афроамериканецот Џорџ Флојд. Во сојузната држава Вирџинија демонстрантите обезглавија четири статуи, меѓу кои беа и статуите на Кристофер Колумбо и на поранешниот претседател на Конфедеративните Американски Држави, Џеферсон Дејвис. По повиците да се уриваат статуи поставени во сеќавање на колонизатори и робовладетели, завчера во Бостон беше „обезглавена“ статуата на Колумбо, кого демонстрантите го сметаат за симбол на геноцид врз Индијанците.

Статуа на Колумбо, исто така, беше вандализирана и во центарот на Мајами.
Во Сент Пол во Минесота, статуата на Колумбо била урната со помош на јажиња. Државните патролни војници што го обезбедуваа комплексот „Капитол“ во Минесота не се обидоа да ги запрат демонстрантите, кои подоцна го прославија уривањето на статуата пеејќи индијански песни. Сличен инцидент се случи во Ричмонд, каде што демонстрантите ја урнаа статуата на претседателот на Конфедерацијата, Џеферсон Дејвис. Минатата недела гувернерот на Вирџинија нареди отстранување на статуата на еден од хероите на Конфедерацијата, генерал Роберт Ли.