Лидерите на Европската Унија, кои и понатаму се поделени околу тоа кој треба да ги добие највисоките функции во Унијата, ги продолжија тензичните преговори за наследникот на шефот на Еврокомисијата, Жан-Клод Јункер. Разговорите продолжуваат откако европските лидери во неделата не постигнаа согласност за ова прашање, на вонредниот самит што беше свикан во Брисел. Доналд Туск, кој претседава со самитот, и некои лидери, наводно, го предлагаат левичарскиот холандски политичар Франс Тимерманс за нов претседател на Европската комисија. Од друга страна, именувањето на Тимерманс и натаму се соочува со голем отпор од источноевропските членки и десничарските лидери од најголемата политичка група во ЕУ, наведува Би-би-си.

За изборот на највисоките функции во ЕУ предвид мора да бидат земени резултатите на мајските избори за Европскиот парламент, а потребно е и постигнување прифатлив баланс во однос на големите и малите држави, родовата застапеност и географијата. Во согласност со процедурата што ЕУ ја усвои во 2014 година, лидерите треба да имаат предвид која партија освоила најмногу места во Европарламентот при одложувањето за функциите, вклучувајќи го и именувањето шеф на Европската комисија. Десничарската групација Европска народна партија (ЕПП) во мај освои најмногу мандати, но нема мнозинство во Европскиот парламент. Францускиот претседател Емануел Макрон е меѓу оние што се против кандидатурата на нивниот кандидат, Германецот Манфред Вебер, и против процедурата за избор, позната како избор на водечки кандидат („шпиценкандидат“). На изборите во мај голем успех остварија и либералите, вклучувајќи ја и Алијансата на Макрон, и зелените, па така старите десничарски и левичарски политички блокови од центарот повеќе немаат доминација во работите на ЕУ.

Од друга страна, германската канцеларка Ангела Меркел одамна ја поддржува номинацијата на Вебер, спротивставувајќи му се на Макрон и другите критичари, кои тврдат дека тој нема доволно искуство и дека никогаш не бил на владина функција. По пристигнувањето на вонредниот самит во Брисел, Меркел порача дека разговорите воопшто нема да бидат лесни. Меркел и Макрон наводно постигнале компромисен договор за Тимерманс, како дел од балансирана спогодба,на маргините на самитот на Г20 во Јапонија. Но, политичарите во Полска, Унгарија и Романија не го одобруваат начинот на кој Тимерманс, ветеран во политиката во ЕУ, ги спроведувал европските правила за владеење на правото.