Началничката на полицијата во американскиот град Атланта викендов поднесе оставка од функцијата по избувнувањето на немирите во градот, откако по смртта на Џорџ Флојд повторно полицаец застрела 27-годишен Афроамериканец на паркинг пред ресторан за брза храна, јави Си-ен-ен. Градоначалничката на Атланта, Кијша Ленс Ботмс, изјави дека ја прифатила оставката на шефицата на полицијата Ерика Шилдс по убиството на 27-годишниот Рајшард Брукс, на 12 јуни.

Градоначалничката истакна дека не верува оти станува збор за оправдана употреба на смртоносна сила и повика полицаецот веднаш да добие отказ. Во меѓувреме неговата смрт дополнително ги разгоре фрустрациите по неколкунеделните протести во САД, но и во целиот свет против полициската бруталност и расната нееднаквост. Протестите почнаа по смртта на Афроамериканецот Џорџ Флојд, кој беше убиен откако полицаец го притискаше со колено на вратот речиси девет минути. Инаку, бирото за истраги во Џорџија соопшти дека го испитува инцидентот со убиството на Брукс.

Според локалните медиуми, полицијата, наводно, спровела тест за алкохол и кога се обидела да го уапси Брукс, тој избегал. Во видео на очевидец, објавено на социјалните мрежи, Брукс се борел со двајца полицајци белци, при што тој на еден од полицајците му го зел уредот за електрични шокови, по што другиот полицаец отворил оган кон Брукс и го усмртил.

Во меѓувреме, адвокатот на семејството на Брукс бара полицаецот да биде обвинет за „неоправдана употреба на смртоносна сила, што е еднакво на убиство“.