Турскиот суд денеска одлучи да му го продолжи притворот на локалниот претставник на Амнести интернешнал, соопшти меѓународната организација за човекови права.

Според пресудата, Танер Килич ќе остане зад решетки, а следното рочиште за случајот ќе биде во ноември.

Танер Килич се наоѓа во притвор веќе една година. Тој беше уапсен на 6 јуни 2017 година под обвинение за поврзаност со движењето на исламскиот проповедник Фетулах Ѓулен, кој според турските власти е организатор на обидот за државен удар во јули 2016 година.

На Килич заедно со уште 10 други активисти им се суди за помагање на три „терористички организации” – движењето на Ѓулен, Курдската работничка партија (ПКК) и левоекстремистичката Револуционерна партија и фронт за народно ослободување.