„Гмаил“ е најпопуларната услуга за е-пошта на интернет која има различни филтри за блокирање несакани содржини. И покрај обидите на „Гугл“ во оваа област, никогаш не можете да бидете сигурни дека во вашето сандаче нема да се „протне“ реклама или е-пошта од непознат испраќач.
 
Во текот на изминатите неколку дена, голем број корисници почнаа да се жалат на невообичаено голем број спам пораки во нивните „Гмаил“ сметки. Ситуацијата е непријатна, бидејќи профилите шират спам без нивно знаење.
 
– Некои од погодените луѓе велат дека дури промената на лозинката и подесувањето на двофакторна автентикација не е решение за проблемот, информира „Машабл“. Преземањето на овие чекори не ги отстранува спам пораките во „сент“ папката на профилите во „Гмаил“. Излегува дека некои сметки испраќаат во просек околу три мејлови на час, при тоа на двоцифрен број непознати приматели. „Гугл“ се информирани и веќе го истражуваат проблемот, но не го коментираа официјално како да се спречи.
 
Пораките што се дистрибуираат се реклами и објави кои ве покануваат да учествувате во различни анкети за да заработите дополнителни приходи. Се уште не се знае колку луѓе се погодени со овој проблем. Се чини дека аутсајдери извлекле корист од недостаток во спам филтрите на „Гмаил“, кој им овозможува дистрибуција на такви пораки. 
 
Ако добиете таква порака од некој што го знаете, бидете внимателни и не кликнувајте на линковите во неа.