Принцот Ендрју (59) очигледно направи лоши избори во животот – патувајќи со хеликоптер при извршување на кралските обврски наместо да оди со воз, критикувањето на обидите на владата за справување со корупцијата за време на ручек со британските бизнисмени во Киргистан, како и учествотото во телевизиски квиз во знакот на средниот век, пишува магазинот „Атлантик“ во написот „Човекот што не се потеше“.

Но неговото пријателство со Џефри Епстајн (неодамна изврши самоубиство во затвор) кое продолжи и по пресудата на финансиерот за организирање на малолетничка проституција, беше особено потресно. Одлуката на принцот да даде интервју за Би-би-си во врска со нивното пријателство, се одликуваше со отстуство на каење што придонесува за прекршокот. 

Уште од почетокот на разговорот стана јасно дека вториот син на кралицата Елизабета не се наоѓа на Земјата, туку на планетата Аристократија. Тоа е земја управувана од правила и прописи кои се несфатливи за нас. Кога новинарката на Би-би-си Емили Мејтлис го праша принцот зошто го поканил Епстајн на одредена забава, Ендрју брзо ја коригираше велејќи „тоа беше стрелачки викенд, обичен стрелачки викенд“.

– Разликата помеѓу вечерен настан и пукањето од огнено оружје со пријателите низ калливи полиња е незначителна за оние што одраснале надвор од високите класи на англиското општество. Се чини дека Ендрју го почитуваше кодексот според кој отуѓувањето од пријател е крајно неучтиво, додека искористувањето на малолетни девојки е мала непристојност – се наведува во текстот на „Атлантик“.

Принцот Ендрју во друштво на Џефри Епстајн

Скандалот во кој беше вклучен Епстајн во 2011 година го чинеше Ендрју губење на неговата функција на британски специјален претставник за трговија и меѓународни бизниси. Оттогаш ги одбегнуваше прашањата за нивното пријателство.

Ендрју сметаше и дека интервјуто ќе помогне во демантирање на постојаното обвинување оти тој имал односи со малолетничка. А дополнителен мотив би можело да биде искажувањето на каење поради пријателството кое траеше и по сознанијата за карактерот на Епстајн.

При бранењето на сопствената невиност за време на интервјуто, принцот делуваше неубедливо и несигурно, а не успеа да искаже жалење, со одговорот дека не жали поради пријателството. Ендрју мирно одговори и дека со Епстајн не биле блиски пријатели, но и оти бил во озлогласениот приватен авион на осрамотениот милијардер, на неговиот приватен остров и во неговите домови во Палм Бич и во Њујорк. 

Интервјуто ќе остане запаметено по чуднoто оправдување на Ендрју во врска со обвинувањата дека имал сексуални односи со тогаш 17-годишната Вирџинија Робертс во 2001 година. Принцот тврди дека тоа е невозможно бидејќи на наведениот датум бил во пицерија во близина на Лондон. Згора, тој го негираше сведоштвото на наводната жртва оти бил испотен при нивната средба.

– Јас тогаш не се потев бидејќи страдав од нешто што би го опишал како преголема доза на адреналин од фолкландската војна во која пукаа врз мене – кажа Ендрју, кој пропушти прилика да искаже жалење.

Во интервјуто Ендрју се претстави како безобѕирен човек. По негативните реакции во јавноста предизвикани од интервјуто, британските весници се полни со сочувство за жртвите во скандалот. Сега останува на други луѓе да го исчистат нередот што принцот го направи.