Најбогатата жена во Африка, Изабел дос Сантос, ќерка на поранешниот претседател на Ангола, Жозе Едуардо дос Сантос, наводно, префрлила стотици милиони долари јавни пари на офшор сметки, според протечени документи, пренесува „Ал џезира“.

Во интервју за „Ал џезира“, таа тврди дека се работи за политичка одмазда против неа. Протечените документи се состојат од над 715.000 мејлови, графикони, договори, ревизии и сметки. Светските медиуми објавуваат дека таа успеала да создаде бизнис-империја вредна две милијарди долари.

Бизнисменката, чиј татко владееше со Ангола речиси 40 години, ги негираше сите обвиненија, тврдејќи дека нејзиниот деловен успех не е резултат на корупција, опишувајќи ја истрагата како „лов на вештерки“ во обид за нејзино дискредитирање.

– Истрагата траеше повеќе од осум месеци. Дос Сантос, потпомогната од нејзините советници од Западот, проневерила стотици милиони долари во офшор компании, преку кои стекнала различни придобивки, вклучувајќи луксузни имоти и бизниси – изјави Бел Халман од Меѓународниот конзорциум на истражувачки новинари (ИЦИЈ).

Дос Сантос, чија економска империја вклучува сѐ од телекомуникации до банкарството и градежништвото, беше назначена за шеф на „Сонангол“, државната нафтена компанија на Ангола, во 2016 година, но беше избркана наредната година.

Минатиот месец нејзините сметки, како и сметките на нејзиниот сопруг беа замрзнати, што таа го опиша како политичка одмазда. Јавниот обвинител на Ангола вети дека ќе ја врати Дос Сантос во африканската држава по секоја цена. Нејзиниот полубрат, Жозе Филомено дос Сантос, во декември минатата година, исто така се појави пред суд поради обвиненијата за корупција.

Богатството на Изабел, која медиумите ја ословуваат како „принцезата од Ангола“, се проценува на 2,2 милијарди долари. Таа ги бранеше нејзините деловни зделки, тврдејќи дека ги плаќа даноците во Ангола. Таа тврди дека има над 20.000 вработени, и е заслужна за отворањето на супермаркети, кина, трговски центри и над десет трговски друштва во земјата.