Халифа Хафтар (втор од лево кон десно) заедно со неговите соработници

Од полноќ стапи во сила прекинот на огнот во западниот дел на Либија, во кој е вклучен и главниот град Триполи, соопштија силите лојални на генералот Халифа Хафтар.

Тие го прифаќаат примирјето на западот од земјата под услов и втората страна да се придржува кон него, според портпаролот на Либиската национална армија Ахмад Мисмари, кој предупреди дека евентуално прекршување на примирјето ќе наиде на жесток одговор.

Борбите околу Триполи ескалираа во изминатите неколку недели откако одметнатиот генерал тргна во решавачка битка за освојување на престолнината.

Во Либија моментно има две извршни власти – меѓународно признаената Влада на национално единство на премиерот Фајез ал-Сараж во Триполи и привремената влада на Абдулах ал-Тани на истокот од земјата, која е поддржана од силите на Хафтар.