Боливиските безбедносни сили го зголемиле своето присуство околу резиденцијата на мексиканскиот амбасадор во Ла Паз каде група поранешни министри и други функционери верни на соборениот претседател Ево Моралес побараа азил. Мексиканското министерство за надворешни работи ситуацијата ја оцени како „опсадна состојба“.

Боливискиот заменик министер за јавна безбедност Вилсон Сантамарија изјави дека на политичарите кои се наоѓаат во мексиканската Амбасада нема да им биде дозволено да ја напуштат земјата.

Односите меѓу двете земји се затегнати откако Мексико му даде азил на Моралес, кога тој на 10 ноември поднесе оставка по немирите во земјата заради обвинувањата дека ги фалсификувал претседателските избори. Моралес во меѓувреме замина за Аргентина, од каде најави дека ќе остане вклучен во политиката на соседна Боливија.