Приврзаниците на идејата за втор референдум за Брегзит, меѓу кои има пратеници од сите британски политички партии, денеска поднесоа петиција со над еден милион потписи на Даунинг стрит 10 – резиденцијата на британскиот премиер.

– Сакаме да бидеме сигурни дека Британците ќе можат да се изјаснат за варијантите кои им се нудат сега – изјави пратеничката Џастин Гријнинг од Конзервативната партија. Таа заедно со лидерот на Либералните демократи Винс Кејбл, копредседателката на Зелената партија на Англија и Велс Керолајн Лукас и пратеникот лабуристот Чука Умуна ја предадоа петицијата за организирање на втор референдум за Брегзит.

Конзервативната партија ја исклучува можноста за втор референдум, а британската премиерка Тереза Меј го брани договорот за Брегзит, за кој со месеци преговараше со ЕУ. На 11 декември, текстот на договорот ќе биде доставен до британскиот Парламент за гласање, но истиот е критикуван и од приврзаниците на Брегзит и од еврофилите. Кампањата за втор референдум во последните месеци обедини поддржувачи и на левицата и на десницата.

Стотици противници на Брегзит протестираа денеска пред Даунинг стрит 10. Тие велат дека се дојдени поради децата и внуците и дека е неправедно младите Британци да бидат лишени од можностите кои ги нуди ЕУ.

Во исто време, во близина на Парламентот, евроскептиците од групата „Напуштање значи напуштање “ (Leave means Leave) исто така, протестираа.

– Пратениците треба да слушнат гласовите на 17,5 милиони луѓе кои гласаа за напуштање на ЕУ – рече претставник на движењето, според кого, властите се обидуваат на Британците да им „продадат“ Брегзит, кој не е вистински.