Франција и Шпанија ќе забележат уште поголем пад во економијата од Велика Британија

Велика Британија најверојатно најтешко ќе биде погодена од сите водечки економии во светот од епидемијата на ковид-19, тврди Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД)

Британската економија најверојатно ќе се намали за 11,5 отсто во 2020 година и малку ќе ги надмине економските падови во државите како Германија, Франција, Шпанија и Италија, сметаат од Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД). Според реномираната економска институција, доколку се појави втор бран на вирусот, британската економија би можела да се намали дури за 14 отсто, а економиите на другите светски веле сили исто така значително би се намалиле до крајот на годинава, што, според тврдењата на некои познавачи на состојбите, би можело да предизвика рецесија од светски размери. Од друга страна, пак, доколку не се појави втор бран на епидемијата, тогаш ќе се забележи намалување на економијата од 11,4 отсто во Франција, 11,1 во Шпанија, 11,3 во Италија и 6,6 отсто во Германија, наведува „Би-би-си“ во своја анализа на темава. Според најновите процени, ОЕЦД сепак покажа дека британската економија, која во најголема мера зависи од услугите, особено ќе биде погодена од строгите рестрикции на Владата. Услужниот сектор, меѓу кој и финансиските услуги, угостителството и туризмот, сочинува околу три четвртини од британскиот БДП, пишува британскиот медиум.

– Покрај многу други економии во светот, ние се соочуваме со значително влијание на коронавирусот врз нашата држава и економија. Невидените чекори што ги презедовме за спас и помош на поединците и деловните субјекти во текот на економската криза ќе обезбедат силно и брзо економско закрепнување – смета министерот за финансии Риши Сунак, кој порача дека Велика Британија не е единствената што ќе претрпи штети.

Од друга страна, министерката во сенка Анализ Додс вели дека „денешните докази од ОЕЦД предизвикуваат силна загриженост, бидејќи покажуваат дека Велика Британија била силно погодена од кризата со коронавирусот.

– Неуспехот на Владата да се справи со здравствената криза, одложувањето на воведувањето на строгите рестрикции на движењето и хаотичниот излез од карантинот дополнително го влошуваат влијанието на кризата врз економијата – порача Додс.
Инаку главните показатели во предвидувањата на ОЕЦД се дека очекувањата и надежите за брз рестарт на економијата најверојатно нема да се остварат.

Генералниот секретар на ОЕЦД, Анхел Гурија, е убеден дека закрепнувањето на економијата ќе се одвива побавно и нема да има остар скок, но прашањето е колку долго ќе трае враќањето во нормала. Ваквите прогнози не важат еднакво за сите држави. Во случај да нема втор бран на болеста, се предвидува дека Велика Британија најлошо ќе биде погодена од сите годинава, малку полошо од Италија и од Франција. За оние со оптимистички погледи, предвидувањата покажуваат најсилен раст од 9 отсто во Велика Британија за 2021година, но тоа е Пирова победа. Причината поради која британската економија е толку силно погодена е поради тоа што е трговска економија што зависи од услужниот и туристичкиот сектор. Исто така е држава што беше најтешко погодена од пандемијата, и покрај тоа што беше пофалена што вложи десетици милијарди фунти за милиони вработени да можат да добијат плата.

Според „Би-би-си“, ОЕЦД истакнува дека влијанието на пандемијата врз економијата исто така било засилено од неуспешното постигнување трговски договор со ЕУ и новите трговски пречки со неа на крајот од годината. Организацијата препорачува привремено да се продолжи британското членство на единствениот пазар. Засега Владата не покажа интерес да го следи овој совет. Во исто време, поважно е што ОЕЦД сака суптилно да истакне дека еден пакет мерки за спас не е доволен. Минатата недела Германците најавија огромен стимул од четири отсто за економијата, вклучувајќи и намалување на ДДВ и значителни субвенции за купување автомобили.

Ваквите бројки покажуваат дека треба да се преземат дополнителни чекори. Наскоро во Британија ќе бидат претставени точните економски податоци наспроти ваквите предвидувања, односно в петок ќе бидат објавени априлските бројки за БДП. Во меѓувреме, ОЕЦД посочи дека пандемијата почнала да стивнува во многу држави и дека веќе има некаква економска активност, но не се очекува убедливо закрепнување поради неизвесноста на состојбата со јавното здравје. Институцијата разгледуваше дури две можни сценарија за излез од пандемијата, но кои во голема мера ќе зависат од тоа дали ќе има втор бран на болеста до крајот на годината. Ако се случи тоа, Франција и Шпанија ќе забележат уште поголем пад во економијата од Велика Британија годинава. Извештајот ги опиша двата исходи како сериозни и разумни, но во секој случај претстои длабока рецесија, од која бавно ќе се излезе. Според посериозното сценарио, светската економија ќе се намали за 7,6 отсто оваа година, како што смета ОЕЦД. Овие бројки се значително полоши од предвидувањата на други агенции, како ММФ и Светската банка, кои предупредија за одредено ниво неизвесност во нивните прогнози.

Подготвил: Дејан Србиновски