Киргистанскиот претседател Соронбај Женбеков поднесе оставка, велејќи дека сака да спречи судири меѓу безбедносните сили и демонстрантите кои бараат негова оставка.

Сојузниците на Женбеков доминираа на парламентарните избори на 4 октомври, но следните протести ја соборија владата и ги принудија властите да го поништат гласањето, пренесува „Ројтерс“.

Вчера, тој го назначи Садир Жапаров, политичар кој бара негова оставка, за нов премиер во обид да се стави крај на политичката криза во земјата. Веднаш по назначувањето, Женбеков и Жапаров разговарале за можната оставка на претседателот.

Жапаров рече дека Женбеков е подготвен да поднесе оставка веднаш штом ќе бидат назначени новиот премиер и претседателот на собранието, што го потврди и портпаролот на претседателството.