Барањето на британската влада пратениците да гласаат со „да“ или „не“ за договорот за брегзит што го постигна премиерот Борис Џонсон со ЕУ, беше отфрлено од страна на претседателот на британскиот парламент, Џон Беркоу.

Тој рече дека гласањето што владата го бара ќе биде суштинско исто како и она што се одржа во саботата, па на тој начин би биле прекршени парламентарните правила.

Британскиот парламент во саботата усвои амандман со кој се спречува ратификувањето на договорот за брегзит пред да се усвојат законите потребни за негово спроведување. Владата планира денеска да го достави клучниот предлог-закон за брегзитот, а првиот круг дебати и гласање ќе се одржи утре.

Џонсон се надева дека законот ќе биде усвоен во парламентот пред 31 октомври, кога Велика Британија треба да ја напушти ЕУ.