Последен од низата случаи во кои некој од светските лидери е позитивен на коронавирус е и претседателот на САД, Доналд Трамп. Со ова тој им се придружи на сѐ поголемата група светски лидери што биле заразени од опасниот вирус

Ниту светските лидери не се имуни на ковид-19

Додека секоја земја во светот бележи растечка бројка на новоинфицирани од опасниот коронавирус, а владите со разни мерки се борат да се спречи ширењето, многу светски лидери и други највисоки функционери не останаа имуни на ковид-19. Последен од низата случаи во кои некој од светските лидери е позитивен на коронавирусот е и примерот со претседателот на САД, Доналд Трамп. Имено, на помалку од триесетина дена од претседателските избори во Америка, претседателот Трамп минатата недела на социјалната мрежа Твитер објави дека тој и неговата сопруга Меланија Трамп се позитивни на ковид-19. Иако здравствената состојба на американскиот претседател Трамп сега е стабилна и тој само по неколку дена минати во болница повторно се врати на извршување на својата функција, но во карантински услови од Белата куќа, информацијата експресно се прошири во светските новински агенции, а Трамп со тоа им се придружи на листата на светските лидери што беа или се заразени со коронавирус. Угледниот магазин „Форин полиси“ потсетува дека меѓу првите лидери што беа заразени од коронавирусот беше всушност британскиот премиер Борис Џонсон. Според „Форин полиси“, британскиот премиер беше првиот голем светски лидер кому му беше потврдено дека има ковид-19. Во април тој заврши на интензивна нега, откако симптомите драматично му се влошија еден ден откако беше хоспитализиран поради рутински тестови. Примаше кислород, но немаше потреба од респиратор, наведува магазинот. Подоцна тој, како и другите светски лидери што беа заразени од коронавирусот, изрази благодарност до вработените во Националната здравствена служба што му го спасија животот, кога лекувањето можело „да тргне во која било насока“. Покрај Џонсон, ковид-19 беше дијагностициран и во кралското семејство. Принцот Чарлс беше позитивен на коронавирусот, но тој се лекуваше во самоизолација.

Коронавирус во домот на канадскиот премиер Џастин Трудо

Позитивна на ковид-19 беше и сопругата на канадскиот премиер, Софи Грегори Трудо. Сопругата на Џастин Трудо, како што беше објавено, се инфицирала со коронавирусот за време на посета на Лондон, каде што била дел од помасовен настан. Џастин Трудо исто така беше во самоизолација, но тој не разви симптоми на болеста. Коронавирус имаше и во бразилскиот државен врв. Бразилскиот претседател Жаир Болсонаро објави дека е болен во јули и во исто време јавно го промовира хидроксихлорокинот, недокажаниот лек за маларија, како третман за ковид-19, кој, како што рече, и самиот го земал. Десничарскиот популист Болсонаро постојано демонстрираше дека не ја сфаќа сериозно епидемијата. На почетокот на пандемијата, тој ја оцени болеста како „обичен грип“ и одбиваше да носи маска на јавно место дури и откако му нареди судот. На листата на заразени во почетоците од пандемијата се најде и претседателот на Хондурас, Хуан Орландо Хернандез. Претседателот на Хондурас во јуни објави дека тој и неговата сопруга се позитивни на коронавирус, заедно со уште две лица што тесно соработувале со нив. Хернандез тогаш рече дека неговите симптоми се слаби и дека се лекува со „МАИЗ-терапија“, експериментална и научно недокажана комбинација на микродацин, азитромицин, ивермектин и цинк, промовирана од неговата влада. Накратко беше хоспитализиран, а потоа ослободен.

Паралелно со ова, претседателот на Белорусија, кој ја отфрли загриженоста за вирусот како „психоза“ и препорача да се пие вотка за да се остане здрав, во јули рече дека тој самиот бил заразен, но бил асимптоматски. Меѓу другите високи функционери од поранешните советски држави што биле заразени се ерменскиот премиер Никол Пашинјан и рускиот премиер Михаил Мишустин. Во листата на заразени лидери во септември влезе и гватемалскиот претседател Алехандро Џаматеи. Во меѓувреме, и италијанскиот медиумски магнат и поранешен премиер Силвио Берлускони, кој беше на чело на четири различни влади во Италија, исто така беше позитивен на коронавирус на 2 септември. Берлускони, кој има 83 години, беше хоспитализиран два дена подоцна и остана на лекување сѐ до неговото напуштање на болницата на 14 септември. Берлускони ја нарече својата инфекција „најопасниот тест за живот“ и рече дека „уште еднаш избегнал куршум“ не подлегнувајќи му на ковид-19.

И принцот од Монако позитивен

Уште еден претставник на кралско семејство, овој пат од Монако, беше позитивен на коронавирусот. Принцот Алберт Втори од Монако бил дијагностициран позитивен на почетокот од пандемијата, некаде во март. Според извештаите, 62-годишниот Алберт Втори беше првиот шеф на држава за кој беше објавено дека го има вирусот. Од неговата канцеларија тогаш соопштија дека неговата здравствена состојба „не претставува загриженост“.