Германската полиција спроведе рации во три сојузни држави откако Владата ја забрани ултрадесничарската група „Волфбригејд 44“, изјави портпаролот на Министерството за внатрешни работи. Како што пренесува АП, извршен е претрес во домовите на 13 припадници на „Волфбригејд 44“ во сојузните држави Хесен, Мекленбург-Западна Померанија и Северна Рајна-Вестфалија, каде што во полициската акција се запленети средства и пропаганден материјал на групата. Портпаролот на германското МВР истакна дека „секој што ќе се бори против основните вредности на германското слободно општество, ќе се соочи со одлучни владини реакции“. Инаку ултрадесничарската група, која е основана во 2016 година, се залага за повторно воспоставување нацистичка диктатура. Познато е дека групата поседува оружје и дека нејзините членови учествуваат на ултрадесничарски протести.