Мексиканската полиција пронајде 19 тела оставени на пат, кои биле застрелани, па обесени во пресметка меѓу нарко картелите. Како што јавуваат агенциите, девет тела виселе на надвозник во близина на транспарент на картел кој им се заканувал на ривалите, додека уште седум тела биле пронајдени во близина на патот. Само малку подалеку од патот биле откриени уште три други тела, вкупно 19, пренесува Ројтерс.

Убиствата во западната држава Мичоакан го означија враќањето на грозоморните масакри извршени од нарко картелите, среде војната за наркотици од 2006 до 2012 година, кога телата фрлени покрај патот беа порака кон властите или кон другите картели.

Три од обесените жртви се жени.

– Одредени криминални банди се борат преку територијата за да ги контролираат активностите поврзани со дистрибуцијата и производството на дрога. За жал, овој конфликт резултира во вакви активности кои оправдано ја алармираат јавноста – вели државниот обвинител Лопез Солис.

Со години мексиканските картели избегнуваа да привлечат внимание и ги криеја телата на своите жртви. Тие убиените ги закопуваа во јами или телата ги ставаа во хемикалии.

Но, се чини дека бандата Јалиско, која има репутација дека јавно им се заканува на властите, се вратила јавно да ги покажува убиствата за да ги заплаши ривалите.

Кога бројот на убиства се намали меѓу 2012 и 2015 година, многумина сметаа дека војната поврзана со дрогата се смирува. Но, убиствата повторно се зголемија минатата година и сега има повеќе убиства во Мексико отколку во 2011 година, кога бројот беше најголем, пренесува Ројтерс.

Во Мексико, имало рекордни 17.608 убиства во првата половина на 2019 година, што претставува раст од 5,3 отсто во однос на истиот период лани. Земјата со скоро 125 милиони луѓе сега има 100 убиства на ден.